На свеченост, пред голем број на граѓани во саботата во Радовиш беше откриена Бистата на борачи, посветена на борачите и на најголемиот успех во историјата на Боречкиот клуб „Бучим“.
Градоначалникот Љупче Почивалец, порача дека бистата е симбол на благодарност, чест и вечен спомен на една златна генерација.
-Нека овaa Биста на борачи биде место на сеќавање, но и место на инспирација. Нека ги потсетува младите дека со труд, дисциплина и верба можат да се достигнат највисоките европски и светски врвови. Нека ја чува приказната за Боречкиот клуб „Бучим“ – приказна за успех, гордост и спортски дух.
Oвaa Биста на борачи е траен белег на таа историска победа. Тој е израз на почит кон сите борачи кои со својата пожртвуваност, упорност и љубов кон спортот го создадоа овој успех. Тој е сведоштво за време во кое спортот беше чест, идеал и начин на живот, истакна Почиввалец.
Особено му се заблагодари на проф. д-р Чифлиганец, за кога кажа дека е човекот кој во тоа време ја препознал силата на спортот, застанал зад клубот и дал немерлив придонес за историскиот успех.
-Тој денес, како донатор на овој симбол, уште еднаш потврдува дека вистинските визионери оставаат трајни вредности за идните генерации.
Пред точно 30 години, тука во Радовиш, Боречкиот клуб „Бучим“ испиша златни страници во македонскиот и европскиот спорт, освојувајќи ја европската титула и станувајќи европски првак.
Тоа не беше само спортска победа – тоа беше победа родена од трудот, калена со дисциплина, водена од вербата и зацврстена со заедништвото. Победа која му донесе гордост не само на клубот, туку и на градот Радовиш и на целата држава, истакна Почивалец.
Деск

