Кога седумгодишната Елиф Идиќ од Куманово, не заминала на првиот училишен ден во септември, 2022 година, нејзиниот чичко Шабан, а и останатите роднини од страна на татко и, кој тогаш бил во Германија, сфатиле дека нешто не е во ред. Нивните грижи станале уште поголеми, откако не успеале да стапат во контакт со мајката на Елиф, тогаш 32-годишната Сабина Сабединовска, и веќе на трети септември во полиција пријавиле дека девојчето и мајката се исчезнати.
Девојчето секоја втора недела поминувало време со роднините на таткото, а чичкото Шабан беше избезумен поради исчезнувањето. Во повеќе наврати не контактираше, барајќи помош од медиумите и јавноста, и стравуваше од најлошото.
Како што ни изјави, родителите на Елиф биле разведени, а осум месеци пред исчезнувањето, во домот на Сабина се вселил извесен Дехран К. (42) од Србија, кој дошол да работи во Куманово.
По исчезнувањето на мајката и ќерката, и него го снемало. Шабан успеал да ја најде сестра му, која живеела во Германија, но таа тврдела дека ниту го има слушнато Дехран, ниту пак знае каде е.
-Елиф немаше пасош, што значи дека не можела да излезе од земјата без тоа да биде евидентирано. Дури и да имала пасош, потребна е согласност и од таткото, ако со мајка и патува во странство. Откако двете ги снема, Дехран неколкупати потоа бил забележан низ Куманово, а потоа и него го снема.
Стравуваме од најлошото, тој ја малтретираше Сабина, а имаме сознанија и дека бил сторител на кривични дела во Србија. Дали тие се живи или не, и зошто овој случај за исчезнување на дете и мајка не го доби потребното внимание од јавноста и од медиумите? – прашуваше чичкото.

Од Министерството за внатрешни работи, потврдија дека мајката и ќерката се пријавени за исчезнати.
Според пријавата, најверојатно исчезнале на 25-ти август 2022 година, од својот дом во Куманово, кога последен пат биле видени.
Исто така, тогаш од МВР открија дека е распишана потерница за Дехран К., со кого Сабина живеела.
За случајот беше известен и јавен обвинител, но до денес нема никаква разврска.
Еден период роднините на Елиф објавуваа фотографии од девојчето и од мајката на социјалните мрежи, со апел за пронаоѓање, а потоа и објавите ги снема.
Во последниот телефонски разговор, чичкото Шабан ни кажа дека е разочаран од системот и повеќе нема надеж дека нешто добро ќе се случи.
-На 24-ти август 2022 година Елиф беше кај нас, и правевме роденденска забава. Не можевме ниту да претпоставиме дека тоа ќе биде последен пат како ја гледаме. Првин се сомневавме дека со мајка и се одведени против нивна волја, затоа што девојчето едвај го чекаше првиот школски ден, а и постојано беше во контакт со нас, но сега веќе стравуваме дека тие не се повеќе живи.
Не ме прашувајте ништо повеќе, тешко ми е веќе да зборувам и да го повторувам истото, разочарани сме од системот, разочарани сме што се дозволи овој случај да помине без потребното јавно внимание и реакции, кои би биле очекувани кога станува збор за исчезнување на дете и мајка во една држава, ни кажа чичкото на Елиф во последниот телефонски разговор, а сега веќе извесен период и не е достапен на истиот телефонски број.
Денес, по повеќе од три години, фотографиите на Елиф и Сабина се уште стојат на официјалната страница за исчезнати лица при МВР.
-Исчезнати од својот дом од Куманово, пишува на страницата, за случајот кој веќе падна во заборав од пошироката јавност.
Вики Клинчарова

