Животот никогаш не бил лесен за Менче Петрова (42) од Неготино, која е соочена со тешка дијагноза, тумор на мозокот, кој македонски лекарски тимови се обиделе оперативно да отстранат, но за жал, без успех, бидејќи бил лоциран на непристапно место.
За ВИКИМЕДИА оваа млада жена раскажува дека била самохрана мајка, а сега веќе и баба, но секогаш храбро чекорела низ животот и се грижела за блиските. Одела секојдневно на работа во позната фабрика во Кавадарци, а сега откако нејзината ќерка формирала семејство, Менче останал сама, со радост чекајќи ги слободните мигови, кои ги минувала во друштво на своето внуче.
Кога пред неколку месеци започнала често да чувствува вртоглавица и замаглување на вид, дијагнозата бениген тумор на мозокот – Meningotheliomatosum, и дошла како голем шок, но била решена да се бори за својот живот и да биде присутна што е можно подолго во животите на своите најблиски.
-За жал, во Македонија операцијата не можеше безбедно да се изведе, бев оперирана, ми беше исечена цела глава, но се утврди дека мора да се бара друго решение. Сега, единствена надеж ми е третманот со радиотерапија (СРС) во болницата „Санте Плус“ во Турција.
Оваа интервенција изнесува 8.000 евра, и би требало да заминам на лекување на 15-ти јануари наредната година. Знам дека времето е кратко, дека се ближат новогодишните празници, но сепак имам надеж во добрината на народот.
Интервенцијата за мене би значела шанса за живот, запирање на растот на туморот, барем да можам да функционирам самостојно. Моментално за мене се грижи сестра ми, силите ми се при крај, но не губам верба, раскажува Менче.
Додава дека добила голема поддршка и помош од блиските, но веќе сите биле финансиски исцрпени, па затоа била принудена да побара помош од јавноста.
За собирање на средства за нејзиното лекување во Турција, отворена е донаторска сметка преку хуманитарната организација Павел Андреев.
Хуманите граѓани можат да донираат на следниот линк:
https://www.facebook.com/photo?fbid=122202205988356966&set=a.122103759728356966
Истовремено, се замолуваат и сите општествено-одговорни компании, доколку се во можност, да се вклучат во акцијата.
Вики Клинчарова

