Македонскиот олимписки комитет информира дека нивниот олимписки стипендист и еден од најперспективните македонски кајакари, Ангел Петрушев, по четврти пат ја освои престижната титула „Спортист на Велес“.
Ова признание доаѓа како потврда за неговата доминација, исклучителните резултати и континуираниот напредок на домашната и меѓународната сцена во текот на 2025 година.
На свечената церемонија која се одржа на бродот „Панини“, во организација на Сојузот на спортови на Велес и Општина Велес, наградата на Петрушев му ја врачија Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски и Заменик градоначалничката на Општина Велес, Елизабета Митревска Ангелеска.
Членот на ККК Вардар Велес ја одбележа 2025 година со супериорни настапи кои го трасираат неговиот пат кон Олимписките игри во Лос Анџелес 2028. Петрушев е државен првак во кајак слалом, победник на традиционалниот ИКАС 2025 и на ICF рангинг трката во Скопје, освојувач на златен медал на Европскиот куп во Солкан во конкуренција У23, како и европски полуфиналист со пласман на 25. место на Европското првенство во Париз.
-Како олимписки стипендист на МОК, Ангел Петрушев е светол пример за тоа како со напорна работа, талент и институционална поддршка се постигнуваат врвни резултати.
МОК останува негов верен партнер во мисијата за обезбедување на олимписка норма за ЛОИ Лос Анџелес 2028, истакнаа од МОК.
Деск
КАЈАКАРОТ АНГЕЛ ПЕТРУШЕВ ПО ЧЕТВРТИ ПАТ ЈА ОСВОИ ТИТУЛАТА ,,СПОРТИСТ НА ВЕЛЕС”
2 Mins Read

