На 82-годишна возраст, денес почина Кирил Темков, ценет професор по филозофија, етика и естетика, роден во Кавадарци, познат како голем поддржувач на кавадаречката ликовна уметност и култура, во тек на целиот негов живот.
Кирил Темков е роден во Кавадарци во 1943 година, во занаетчиско семејство, учел во Белград и во Скопје, дипломирал (1968) и докторирал филозофија (1982) на Универзитетот во Скопје.
Кавадарчани се простуваат со него на социјалните мрежи, потсетувајќи како секогаш бил горд на своите корени, и неретко зборувал за неговото потекло од Тиквешијата.
Автор е на бројни статии од областа на Филозофијата, Етиката, Естетиката (особено за уметничката фотографија, ликовната и драмската уметност, џезот) и Културологијата, како и на повеќе книги: Основите на еден нов Универзитет (1975), Панорама на естетичките идеи од втората половина на 20-тиот век (1981), Отворен Универзитет (1993), Мито Хаџи Василев – Јасмин (1997), Етика (1998), Етика за младите (1999, 2001; прев. на српски, 2 изд.), Етички речник за младите (1999, 2001, 2004), Етиката денес (1999, прев. на бугарски), Етика за најмладите (2000-2002, делумно прев. на бугарски), Луј Армстронг – Сачмо (2000), Историја на џезот (2002), Етика за децата (2003, делумно прев. на бугарски), Етика за 2 клас гимназија (2004), Етика за 3 клас гимназија (2004), Филозофија за 4 клас гимназија (2005), Етика и љубовта (етика во градинките, 2006), Деловна и професионална етика (со проф. Серафим Томовски, на македонски и албански јазик, 2006), Професионална етика (2011), Етичари – 100 најзначајни философи на моралот (2014), Биоетика за најмладите (2013-2015), Џез – естетика и антропологија (2017).
Има добиено Награда на град Кавадарци, орден „Академски палми“ на Република Франција и Меѓународна награда „Гоцева мисла“ на фондацијата Македонија презент.
В.К.
КАВАДАРЦИ СЕ ЗБОГУВА СО ПРОФЕСОРОТ КИРИЛ ТЕМКОВ: СЕКОГАШ СО ГОРДОСТ ЗБОРУВАШЕ ЗА СВОЕТО ПОТЕКЛО!
2 Mins Read

