Виолета Гиноска од Скопје, денес го доби признанието за најдобар крводарител, а истото и го додели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Таа била предложена од Црвениот крст, и досега дарувала крв 45 пати.
-За најдобар крводарител е прогласена Виолета Гиноска, предложена од Црвениот крст.
Таа е симбол на тивка, но моќна хуманост, жена чија безрезервна желба да помогне и да спаси нечии животи претставува вистински пример за алтруизам и човекољубие.
Со повеќе од 45 дарувања на крв, на свои 54 години, таа заслужено се вбројува меѓу најпосветените и најистакнати крводарители, објави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Исто така, беа доделени и признанијата за најдобар пожарникар и полицаец на Град Скопје за 2025 година.
-Овие признанија им припаѓаат на исклучителни и докажани луѓе во своите професии, посветени, одговорни и хумани личности, избрани од своите колеги.
Нивната работа и пожртвуваност се вистинска мисија во служба на граѓаните и градот.
Тие се пример дека храброста, чесноста и човечноста секогаш го наоѓаат својот пат.
За најдобар пожарникар за 2025 година е прогласен Игор Станишев, командир на одделение во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, а признанието за најдобар полицаец за 2025 година му припадна на Кристијан Стефановски од ПС Карпош, соопшти Ѓорѓиевски.
В.К.
ВИОЛЕТА ГИНОСКА Е ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈДОБАР КРВОДАРИТЕЛ: СО СВОИТЕ 54 ГОДИНИ, 45 ПАТИ СПАСУВАЛА ЖИВОТИ!
1 Min Read

