Поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев се сретнал со Леонид Индов, момчето за кое пред две години се собираа донации, со цел да замине на скапа рехабилитација, откако се здоби со тешки повреди на ‘рбет за време на летување во соседна Грција.
На средбата, Леонид му подарил 3Д плакета, со која се заблагодарил за хуманоста што Чулев ја покажал во периодот кога се одржуваа хуманитарните акции за донации.
За средбата, Чувел вели дека тешко се опишува со зборови, а открива и дека Леонид и после несреќата, оди напред во животот, студира и работи на проекти.
-Пред повеќе од една година објавив апел за хуманитарна помош за Леонид Индов. Тогаш, многумина од вас покажаа што значи вистинска солидарност и човечност. Покажавме дека Македонија знае да биде едно срце кога е најпотребно и дека најголемата сила на едно општество е кога застанува зад оние што се борат.
Денес, Лео сè уште ја води својата тешка битка. Но знаете што е најважното?
Не го изгуби духот. Не ја изгуби надежта. Не ја изгуби вербата во животот и во напредокот на медицината.
Она што најмногу инспирира е токму она што медицината не може да го измери – духот. Лео не се предава. Позитивен е, храбар и упорен. Студира на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, учи, работи на ИТ-проекти и секојдневно покажува колку вреди човек кога не се откажува, објави Чулев.
За подарокот кој го добил, вели дека е тој е потсетник дека човечноста има смисла, дека поддршката значи живот и дека добрината остава трага.
-Лео е пример за сите нас – дека и кога телото има ограничувања, духот може да биде бескрајно слободен. Да учиме од него: да не се откажуваме, да веруваме, да бидеме храбри и да бидеме луѓе едни за други. Не само кога е „актуелно“, туку секој ден.
Да не заборавиме дека зад секоја приказна стои човек што се бори – и дека понекогаш, токму нашата мала поддршка може да значи „уште еден ден ќе успеам“.
Лео, од срце ти благодарам за довербата. Ти не си само борец – ти си светлина и инспирација, порача екс министерот.
Деск

