Рок бендот Парни Ваљак ја слави својата 50-годишнина со уникатна концертна турнеја, “50”. Како дел од турнејата, публиката во Белград ќе има можност да ја прослави оваа голема годишнина со бендот на концерт закажан за 16 мај 2026 година во Сава Центар. Билетите се во продажба на сите продажни места на Ticket Vision и онлајн на tickets.rs.
“Во годината кога славиме 50 години од нашата работа, преку концертите ќе споделиме со публиката сè што создадовме заедно низ децениите, како и нашето ново поглавје. Се сеќаваме на многу прекрасни концерти во Белград и секој настап во Белград има посебно значење за нас. Се враќаме на сцената на Сава Центар, место каде што неколкупати со вас сме споделиле некои од најубавите емоции. Заедничкиот именител низ сите овие години беше љубовта – љубовта кон музиката, љубовта кон публиката и љубовта што публиката ни ја возвраќа. Љубовта, која е во срцето на сè што правиме, останува трајната нишка што нè поврзува, а вашата поддршка е нашата вечна инспирација.” – е пораката од членовите на бендот, со која го претставуваат мотото на актуелната турнеја “Љубов”.
Турнејата започна на 14 февруари 2025 година во Сплит, а во текот на годината бендот одржа повеќе од 20 концерти низ регионот, вклучувајќи настапи во најголемите сали и арени. Посебен и емотивен момент беше спектаклот во распродадената Загреб Арена, одржан на денот на основањето на бендот – 29 ноември.
Основан во 1975 година во Загреб, Парни Ваљак со децении е синоним за извонреден рок, енергични настапи и песни што ги дефинираа генерациите. Со повеќе од 20 студиски албуми, бендот создаде импресивно музичко наследство, исполнето со искреност и посветеност кон нивната публика. Безвременските класици како “Stranice dnevnika”, “Jesen u meni”, “Dođi”, “Ugasi me” и “Zastave” засекогаш се вткаени во музичката антологија на регионот.
Посебно место во приказната за 50-годишната работа зазема Аки Рахимовски, препознатливиот глас и икона на Парни Ваљак, кој ненадејно почина во 2022 година. По кратка пауза, бендот одлучи да продолжи, воден од својата страст за музика. “Ние не свириме за да живееме, живееме за да свириме” – нагласи Хусеин Хасанефедиќ Хус во тоа време.
Б.Н.

