Случајот со 350.000 евра, заѕидани во ѕид во куќата на родителите на апелациониот судија Ѓоко Ристов, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен со дејствија на корупција и трговија со влијание, ја тресе јавноста.
Според досегашните информации од Обвинителството за гонење организиран криминал, деновиве јавниот обвинител ќе процени во однос на мерки за обезбедување на присуство на осомничениот.
Податокот дека апелациониот судија е на слобода, предизвика низа на шпекулации околу тоа дали тој евентуално е во бегство, како и низа на новнарски текстови дека никој официјално не кажува каде се наоѓа Ристов.
ВИКИМЕДИА денес разговараше со лице блиско до судијата Ристов, кое е во постојан контакт со него. Идентитетот на лицето е познат на нашата редакција, но не го откриваме на негово барање.
-Судијата Ѓоко Ристов е достапен за истражните органи и лага е дека е во бегство. Тој е овде, во Скопје, и нормално дека соработува со органите во интерес на истрагата.
Сето ова е хајка и лаги, станува збор за предистрага, а веќе има осуда, ни изјави нашиот соговорник.
Пред два дена Обвинителството и МВР соопштија дека му пронашле 350.000 евра на судијата Ѓоко Ристов од Апелациониот суд во Скопје кои биле соѕидани во ѕидот на куќата на неговите родители во Неготино.
Според обвинителството, станувало збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава досега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност.
Дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземале припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција.
Вики Клинчарова

