Расфрлан отров и отруено куче во близина на бензинска станица, отруени кучиња на градскиот пазар, отруено куче во населбата Саат Кула, куче измачувано и со тешки повреди најдено во Неготино… Ова се актуелните информации кои од Божиќните празници, па се до денес, заедно со фотографии од угинати кучиња, најчесто со маркица, се објавуваат на социјалните мрежи, во групи посветени на општината, како и во групи за заштита на животните.
И до редакцијата на ВИКИМЕДИА во повеќе наврати деновиве пристигнаа реакции од вознемирени граѓани, кои алармираат дека низ целиот град се прави кланица, односно дека на многу локации е расфрлан отров, и секојдневно имало по некое отруено куче.
-Секоја година, околу Божиќните празници, трујачот најсилно удира! Дали и колку е безбедно овде да се живее, треба ли да чекаме да се отруе и човек, прашуваат.

Ова не е првпат во Неготино да се случува масовно труење на кучиња, но како и во многу случаи во минатото, никој од граѓаните не ги пријавува случаите во полиција.
Овие кривични дела, кои ја загрозуваат и јавната безбедност, а за кои се пропишани затворски казни, минуваат само како предупредувања на социјалните мрежи: Имаме психопат во градот, расфрлан е отров, пазете си ги милениците!
Официјално, за сите случаи од изминатите неколку недели, во ОВР Неготино нема ниту една пријава.
Од Секторот за внатрешни работи Велес, за ВИКИМЕДИА велат дека од почетокот на јануари не е евидентирана ниту една пријава за отруени, односно измачувани кучиња.

-Законот е јасен, велат правни лица, дека секоја сомнителна смрт на животно, без оглед дали е куче или маче, треба да се пријави во полиција. Од таму, по службена должност се излегува на увид, мора да се повика и ветеринарен инспектор и трупот на угинатото животно се праќа на обдукција, со цел утврдување на причината за смртта.
Расфрлањето отров на јавни површини е дело за кое се пропишани затворски и парични казни, и само со уредна пријава до институциите, и со нивно соодветно постапување, може да им се влезе во траг на трујачите, појаснуваат правниците.
Истиот апел доаѓа и од повеќе здруженија за заштита на животните, граѓаните да го пријават секој случај и самите да не го отстрануваат телото на угинатото животно, туку да се постапи според законска процедура.
Вики Клинчарова

