Откако за време на Божиќните празници започнаа масовни труења на кучиња низ градот, за кои граѓаните и здруженијата за заштита на животните алармираа на социјалните мрежи, од Општина Неготино вчера го пријавиле случајот во полиција.
Како што известуваат од Секторот за внатрешни работи Велес, освен пријавата за труење, било пријавено и прегазување на кучиња со возила.
-На 20.01.2026 во 11:20 часот во ОВР Неготино, од Општина Неготино е пријавено дека во периодот од 01.01.2026 до моментот на пријавување на повеќе локации во Неготино било извршено расфрлање на отров и прегазување на кучиња со возила.
Според пријавеното, сите кучиња биле подложени на хуман третман од страна на стационар за животни. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, соопштија од полицијата.
Масовното труење на кучиња, кое изминативе недели се случувало на повеќе локации е редовна пракса во градот, и се случува годишно во неколку наврати да има масовни труења, а институциите со години наназад не можат да му влезат во траг на трујачот.
Градски пазар, улица Индустриска и населбата Саат Кула се најчестите локации каде оперира трујачот/трујачите.
Граѓаните пак, најчесто реагираат на социјалните мрежи, како и до здруженијата за заштита на животните и до медиумите, но ретко кој пријавува труење на животно во полиција, како што налага законската процедура.
И за овие случаи од почетокот на јануари, кои се актуелна тема во Неготино, според информација од СВР Велес, ниту еден граѓанин не поднел пријава, се до вчера, кога тоа го направиле од општината.
В.К.
НЕ САМО ШТО ГИ ТРУЈАТ, ТУКУ И ГИ ПРЕГАЗУВААТ: ОПШТИНА НЕГОТИНО ГИ ПРИЈАВИ ВО ПОЛИЦИЈА СЛУЧАИТЕ СО УБИЕНИТЕ КУЧИЊА
2 Mins Read

