Вчера во 10:50 часот во ОВР Кавадарци е пријавено дека во Општа болница Кавадарци со тешка телесна повреда бил донесен А.М.(34) од с.Ваташа, кавадерчко, соопштија од Секторот за внатрешни работи Велес.
Според пријавеното, тој се здобил со повредата додека извршувал работни задачи во фабрика во Кавадарци. За настанот биле известени јавен обвинител и трудов инспектор, а увид извршила увидна екипа од ОВР Кавадарци, велат од полицијата, но не соопштуваат во која фабрика се случил немилиот настан.
Ова е четврти случај во изминатите 20 дена, работник да биде повреден на работно место во Кавадарци, при извршување на работни задачи.
Пред три дена две млади момчиња беа повредени во одделни случаи на работното место.
Стануваше збор за 29-годишник од Неготино, кој се здобил со тешка телесна повреда во фирима во Кавадарци, но не беше соопштено за која фирма се работи. Истиот ден и 25-годишник од Дабниште бил тешко повреден, додека извршувал рабтни задачи во ЈП Комуналец Кавадарци.
Пред 20 дена исто така беше тешко повереден работник од Марена, кој се здобил со повредата во фабрика во Кавадарци.
Низата на овие случаи ги отвори јавните дискусии на тема безбедност на работа, а голем број на граѓани на социјалните мрежи се со став дека треба јавноста да знае во кои фирми, односно фабрики најчесто се случуваат овие немили настани, и бараат транспарентно известување кога се станува збор за вакви случаи.
В.К.

