Голем број на лозари од Неготино ги продадоа своите лозја на фирма од земјава, која планира да гради фотоволатични централи. Повеќето лозја биле фондови, а како што раскажуваат лозари за ВИКИМЕДИА, некои од нив ги продале уште пред четири години, и тоа по цена за 800 евра од декар.
-Фондовите лозја одеа по таа цена, додека пак голем дел од она земјиште кое беше во сопственост на лозарите, се продаде по цена од околу 2.000 евра за декар.
Околу 80 декари земја под лозов насад, кои се протегаат над Криволак, место со плодна почва, поволна местоположба и сончеви денови, кои најмногу одговарале за проектот, беа продадени на фирма од Скопје, појаснуваат.
Лозарите раскажуваат дека ги контактирал посредник на фирмата, која била во сопственост на повеќе лица од Скопје и други градови, и без многу двоумење склучиле договори за продажба. Дури и сопственици на лозја во нивната околина, кога дознале за проектот, самите започнале да ги нудат лозјата на продажба.
-Од грозје ќар нема, затоа и се одлучивме на овој чекор. Станува збор за долгогодишна земјоделска култура, но не сакавме повеќе да бидеме во неизвесност, секоја година кога доаѓа време за гроздобер.
Кога ги продадовме лозјата, беше договорено и да ги ископачиме, да ги отстраниме и дрвјата кои растеа на нивите. Се бараше празна нива. Тоа и го направивме, ама еве до денес, и по четири години, се уште не е започната изградбата на фотоволтаичната централа, велат нашите соговорници.
Други лозари пак, кои не ја продале својата земја на посочената локација над Криволак, велат дека откако нивни соседи ги продале лозјата на фирма која ќе градела фотоволтаична централа, никој ниту стапнал таму, ниту пак биле започнати било какви активности, а местото било обраснато со грмушки, а во лето полно со змии.
Некои од лозарите од тој дел пак, кој е со поволна местоположба, бидејќи од едната страна излегува на стариот автопат, раскажаа дека ги продале лозјата на приватна фирма од Кавадарци, која гради хали, односно магацини и производни погони.
-Сумата од декар не е повисока од 2.000 евра. Доколку лозјето се продава со намера да се одгледува, а не да се гради било што на земјиштето, тогаш се случува за декар да се добијат околу 500 евра, се зависи од положбата, каков вид на грозје се одгледува, дали има доволно вода. Голем е бројот на лозари кои во изминатите години така ги оставија лозјата, не вложуваат повеќе во нив и не ги работат, бидејќи не се задоволни од заработката, а се потешко е и да се најде купувач, кој би ја купил земјата со цел да се занимава со лозарство, раскажаа лозари од Неготино.
Вики Клинчарова
ЛОЗАРИ ОД НЕГОТИНО СЕ НУДЕЛЕ ДА ГИ ПРОДАДАТ ЛОЗЈАТА ЗА ИЗГРАДБА НА ФОТОВОЛТАЖНИ ЦЕНТРАЛИ И ЈА ОТКРИВААТ ЦЕНАТА ЗА ДЕКАР
3 Mins Read

