Акција за помош на 12-годишниот Јован од делчевско Ветрен е во тек и граѓаните од цела земја се мобилизираат, со цел да го олеснат секојдневието на ова момче. Како што веќе објавија регионалните медиуми од Делчево, откако починала мајка му, Јован живеел сам со татко му, кој моментално е во болница. Живееле во лоши услови, и потребно било реновирање на скромниот дом, како и храна и облека.
Акцијата за помош на ова момче ја поддржа и платформата И-Крауд, и на својата страница ги објави деталите, со цел апелот да стигне до што е можно повеќе граѓани, кои се во можност да помогнат.

-Јован Лесовски има само 12 години и живее во село Ветрен, Делчево. Наместо безгрижно детство, деновите му минуваат во грижа и неизвесност. Неговиот татко, поради постоперативни компликации на рана, е повторно хоспитализиран, а Јован во овој тежок период е згрижен кај роднини, без секојдневната грижа и сигурност што му е потребна на едно дете.
Семејството се соочува со сериозни животни предизвици. Домот во кој Јован треба да се врати има потреба од реновирање, а недостигаат и основни апарати за домаќинство, како и храна и облека за секојдневен живот.
Финансиските можности се ограничени, а состојбата е итна. Секој ден без поддршка значи дополнителен товар за едно дете. Затоа упатуваме апел до сите хумани луѓе, компании и институции – да помогнеме заедно. Секоја донација, без разлика дали е финансиска или материјална, значи чекор поблиску до сигурен дом и достоинствено детство за Јован, објави eCrowd.mk.
Може да се донира онлајн преку eCrowd.mk, или пак за поголеми износи, може да се донира директно на сметката на Фондацијата ИКРАУД: Жиро сметка: 270078016610134 Цел на уплата: за Јован Шифра: 562 / донации.
Деск

