33. издание на најважната музичка награда Порин, кое ќе се одржи на 27 март во сплитската сала „Грипе“, ги носи првите големи вести: Порин за посебен придонес во хрватската музика (Porin Special Merit Award) оваа година му припадна на македонскиот гитарист со меѓународна кариера и еден од најзначајните музички уметници на овие простори, Влатко Стефановски, пренесе хрватскиот Далматински портал.
Оваа награда го препознава неговиот исклучителен уметнички опус кој ја обликувал регионалната музичка сцена, вклучувајќи го и хрватскиот културен простор. Стефановски е уметник чие дејствување ги надминува границите на една средина – неговиот музички јазик, авторитет и креативна доследност оставиле силен траг во бројни соработки, меѓу кои особено место зазема Хрватска.
Во текот на повеќедецениската кариера изгради автентичен и препознатлив музички израз во кој природно се испреплетуваат етно-џез, инструментален рок, џез-фјужн и блуз, силно проникнати со наследството на традиционалните македонски ритми.
Токму тој единствен спој го направи симбол на македонската музичка култура, но и еден од најценетите гитаристи на меѓународно ниво.
Неговиот музички пат започнал кога во далечната 1965 година добил акустична гитара на подарок, за која всушност на почетокот и не покажувал голем интерес. Сепак, во гимназиските денови се раѓа интересот, започнува да свири, да создава музика, да собира бенд, а сè со цел да собере пари и да заработи за уште подобра гитара и засилувач.
По завршувањето на гимназијата, составот Леб и сол веќе бил сериозен бенд, а подоцна станал еден од највлијателните во историјата на регионалната музика. Бендот од Скопје, чиј опус трајно ја промени перцепцијата за инструменталната и етно-музиката на овие простори, стана познат по карактеристичниот звук за кој најзаслужен е токму неговиот фронтмен Стефановски.
Од 1978 до 1991 година снимија 13 албуми, вклучувајќи и концертни, а еден од највпечатливите е Live in New York, снимен во 1991 година во клубот CBGB.
Секако, вреди да се истакне и албумот Live in Macedonia, кој беше објавен по повторното обединување на групата во 2006 година, за да се одбележат 30 години од нивното постоење, во состав Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Гарабет Тавитјан и Кокан Димушевски.
По распадот на бендот Леб и сол, Стефановски оствари исклучително богата и разновидна соло кариера. Бројни албуми, соработки, музика за филм и театар и меѓународни соработки со светски музичари како Џон Меклафлин, Алан Холдзворт, Ману Каче, Пино Паладино, Тони Левин, Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов.
Траг остави и неговиот албум Sarajevo, кој настана од потребата своите чувства кон градот кој го сака да ги преточи во албум, а целиот приход од продажбата да го донира на деца без родители. Низ годините соработуваше и со низа најзначајни имиња на хрватската музика, меѓу кои се Гибони, Арсен Дедиќ, Оливер Драгојевиќ, Матија Дедиќ, Миа Димшиќ, како и со инструментални проекти како Bow vs Plectrum (Хојсак & Новосел), но и со Загрепската филхармонија.
Редовно настапуваше на концертни сцени низ целата земја и учествуваше на бројни албуми кои беа наградени со наградата Порин во различни категории, како изведувач и инструменталист. Особено е значајно што Порин за посебен придонес доаѓа набргу откако Стефановски го објавува изданието на кое интерпретира десет евергрини од Ѓорѓе Новковиќ – Guitar Sings, снимени со Royal Philharmonic Orchestra во легендарното студио Abbey Road, со што симболично се поврзуваат неговата меѓународна кариера и трајната поврзаност со музиката на овие простори, пишува Далматински портал.
Деск

