За помалку од три месеци Агенцијата за храна и ветеринарство одзеде две кучиња поради суровост и измачување од страна на сопствениците.
Првиот случај е од крајот на ноември 2025 година, кога беше одземено изгладнато куче во тешка состојба, чувано во мал бокс, полн со измет, без вода, и хрането само со сув леб.
Пријавата до АХВ дошла од страна на здружение за заштита на животните, а фотографиите од местото каде бил чуван двегодишниот белгиски овчар, како и неговата состојба, ја потресоа јавноста.
Кучето потоа беше згрижено во Лајка, од каде соопштија дека последиците од измачувањето биле ужасни – го изгубило видот, му атрофирала мускулатурата, имало кожни проблеми и општа телесна слабост. Од таму, јавно бараа вдомувач за него.
Вториот случај е од пред неколку дена, по објава на видео на кое дете измачува куче, а родителот го снима. По поднесени иницијативи од страна на вознемирени граѓани, беше спроведен инспекциски надзор, кучето одземено, а сопственикот заработи парична казна.
На овие настани совесните граѓани гледаат како на институционално будење, кое е значаен чекор кон поодговорен систем и општество кое ги почитува основните принципи на хуманост.
Истовремено, институциите ги охрабрваат граѓаните активно да пријавуваат случаи на злоупотреба и занемарување, со цел обезбедување на навремена и ефективна заштита на животните.
В.К.

