Започнаа градежните активности на еден од најзначајните инфраструктурни проекти за Скопје, булеварот „Македонија“.
Станува збор за првата фаза од вкупно пет фази, преку кои овој комплексен капитален зафат конечно ќе биде целосно реализиран, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој посочи дека иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази.
Подземната сообраќајница ќе располага со вкупно шест ленти, четири за двосмерен автомобилски сообраќај, две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки.
Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на сообраќајниот метеж, побрзо и поефикасно движење низ центарот на градот, како и создавање на поуреден, побезбеден и покомфорен урбан простор.
-Знам дека овој проект сигурно ќе го олесни движењето во центарот на градот.
Амбициозен е планот овој мандат целосно да биде завршен, амбициозен е и планот во 90 дена да биде завршен овој дел.
Но, сигурен сум дека имајќи предвид дека имаме амбициозен градоначалник и амбициозни градоначалници дека сето ова ќе се заврши и скопјани ќе можат да се движат по овој коловоз многу скоро, односно во рамките на тоа што е кажано, изјави премиерот Христијан Мицкоски по повод отпочнувањето на проектот.
Деск

