На денешното рочиште за пожарот во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, повторно од страна на сведоците беа раскажани потресни детали за кобната ноќ.
Исказ даде командирот на противпожарнта единица во Кочани, Драган Апостолов, како и пожарникарот Дејан Паунов.
-Огнот беше распламтен внатре, гореа плафонот, шанкот и бината. Имаше многу деца што бараа помош. Внатре влегов со опрема и боца кислород, таму веќе имаше колеги кои почнале да извлекуваат лица. Некои од колегите истовремено извлекуваа, а другите со вода го потиснувавме огнот. Јас со млазот вода влегов внатре и правев лепеза од вода за да се намали температурата, да не нè пеплоса огнот сите, додека другите извлекуваа лица.
Помеѓу повредените имаше и живи, кои ги изнесувавме надвор до црвениот тепих, по што ги преземаа други, кои веројатно ги носеле во болница.
По локализирањето, побарав дозвола од јавен обвинител да извршиме пребарување за други лица. По пребарувањето, извлековме уште три изгорени тела. Други не најдовме, кажа Апостолов.
Во 02.47 минути тој ја добил телефонската дојава за пожарот, а интервенцијата завршила околу 04.00 до кај 04.30 часот.
Во судницата, низ зборовите на сведоците повторно оживуваат хаотичните моменти од ноќта кога пламенот и чадот го претворија местото за забава во сцена на страв, паника и очајна борба за спас.
За јавноста, тие се тешки за слушање; за сведоците, тие се повторно проживување на најстрашните моменти од нивниот живот.
Деск
ЗБОРОВИТЕ НА СВЕДОЦИТЕ ЗА ПОЖАРОТ ВО ПУЛС ГИ ОЖИВУВААТ ХАОТИЧНИТЕ МОМЕНТИ ОД КОБНАТА НОЌ: ДЕНЕС СВЕДОЧЕА ПОЖАРНИКАРИ
2 Mins Read

