Независниот синдикат на полицијата (НСП) поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица кои на протестот на патот Битола–Ресен јавно се заканувале по животот на полициски службеници, како и на премиерот, претседателот и државниот врв.
-Поднесена кривична пријава против двете лица од Битола кои се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да го спроведат законот.
Очекуваме обвинителството од Битола веднаш да постапи на истиот начин како што постапува против нас и уште утре да побара притвор за овие лица.
Доколку ова не се случи во најкус можен рок, нека бидат сигурни дека нивното не постапување нема да остане незабележано, објавија од синдикатот.
Исто така, на нивната официјална страница ја објавија и кривичната пријава која ја поднеле против двајцата Роми кои се закануваа пред камери.
Од Синдикатот информираат дека инцидентот се случил на 3 февруари 2026 година, кога пријавените, кои се братучеди, преку изјави во медиуми и на социјалните мрежи упатиле директни закани дека ќе ги нападнат полицајците доколку продолжат со одземање на возилата.
Едниот од нив признал дека со децении возел без возачка дозвола и се заканувал со „тепачки и убиства“, додека другиот упатил вулгарни и експлицитни закани, најавувајќи насилство и немири.
Инаку, осомничените вчера јавно се извинија преку видеопорака, но НСП соопшти дека не прифаќа извинувања и бара итна реакција од правосудните органи и определување мерка притвор.
Од Синдикатот нагласуваат дека очекуваат ист третман како во случаите кога се гонат полициски службеници, потенцирајќи дека заканите кон полицијата и институциите не смеат да останат несанкционирани.
Деск
ПОЛИЦИСКИОТ СИНДИКАТ БАРА ПРИТВОР ЗА ЛИЦАТА КОИ СЕ ЗАКАНИЈА ДЕКА ЌЕ ТЕПААТ И УБИВААТ ПОЛИЦАЈЦИ, ПА СЕ ИЗВИНИЈА
2 Mins Read

