Вчеравечер се случуваше голема полициска акција во Скопје и Струмица во врска со петте тони дрога кои минатата недела беа запленети во Србија, а според тамошните власти, се со потенцијално потекло од Македонија.
Во синоќешните претреси во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје, како што неофицијално објавија повеќе медиуми, биле запленети 27 тони марихуана, што заедно со петте тони запленети во Србија дава збир на неверојатна количина од околу 32 тони марихуана.
Додека јавноста чека официјален извештај од институциите за случајот и за точната количина на запленет канабис, за која се претпоставува дека е најголемата заплена која се случила на Балканот, граѓаните го поставуваат прашањето дали Македонија станала Колумбија на Балканот?
Од 2017 година досега година надлежното Министерство за здравство издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.
-Граѓаните ќе бидат сведоци на една многу тешка и мачна ситуација што се случувала, рече вчера премиерот Христијан Мицкоски за случајот, и додаде:
,,Тоа што граѓаните ќе го слушнат и видат овие денови, ќе биде навистина катастрофално и сите оние креатори на тие политики треба да бидат одговорни за многу млади луѓе коишто за жал станале жртви на ваквиот начин на функционирање на одредени политики од минатото”.
Бизнисот со канабис за медицински цели во земјава доби на популарност од 2017 година, па натаму, а тогашниот премиер Зоран Заев најавуваше дека од негово производство се очекуваат милионски заработки, како и отворање на нови работни места, што би значело позитивен економски развој.
Деск

