Веќе подолг период во земјава вистински хит се еднодневните шопинг тури во Приштина, кои ги организираат туристичките агенции. Со цена за повратен автобуски билет од 600, па се до околу 1.000 денари, во зависност од кој град е поаѓањето, овие екскурзии секогаш ги полнат автобусите до последно место.
Граѓаните велат дека искуството е одлично, патот не трае долго, а цените во Приштина биле значитено пониски од кај нас, па се враќале назад со полни торби со гардероба, како и производи за домаќинство.
-Патот траеше околу два часа, немаше чекање на границата. Во Приштина го посетивме познатиот Приштина Мол, имавме прошетки и низ градот, има одлични локали, модерно уредени, а цените се доста пристапни.
Изненадувачки е што гардеробата е многу поевтина од кај нас, а изборот е огромен. Со ќеси полни со гардероба заминавме од Приштина, а следна станица, на враќање е Урошевац, велат нашинци кои и по неколкупати годишно оделе на шопинг турата во Приштина.
За Урошевац, појаснуваат дека е познат по продавниците во кои се нуди роба по цена од едно евро. Најразлични производи за домаќинство, како и средства за чистење, модни додатоци, односно широка палета на дребулии завршувала во торбите за пазарење на нашите граѓани.
-Со десет евра, две лица ќе си дозволат вкусен ручек во угостителски локал, има превкусни специјалитети, како и разни десерти за помалку од два евра, кафиња по едно евро…
Дури и намерата на екскурзијата да не е шопинг, туку само прошетка и разгледување на градот, исплатливо е, да се излезе малку од дома, да се прошета, велат нашите соговорници.
Продавниците работеле и во недела, што било причина повеќе за да се решат да заминат на патувањето.
В.К.

