Минатата година во Општина Неготино полицијата ,,фатила” 144 лица кои управувале возило под дејство на алкохол, наспроти 134 лица во Општина Кавадарци, кај кои било констатирано дека возат пијани.
Инаку, според податоците од пописот од 2021 година, во Неготино бројот на населението е 18.194 лица, а пак во Кавадарци е 35.733 лица, односно во Неготино има речиси двапати помалку жители.
Изминатиот период, со новиот закон за безбедност и со новиот закон за прекршоци пак, во дневните билтени на Министерството за внатрешни работи речиси секојдневни се информациите за одземени возила од лица кои возеле без положен возачки испит, под дејство на алкохол, или пак со одземена возачка дозвола, како во Тиквешијата, така и на територијата на цела држава.
Околу тоа што се случува со одземените возила, и под кои услови и по колку време им се враќаат на сопствениците, ВИКИМЕДИА побара одговори од Секторот за внатрешни работи Велес.
Од таму велат дека полициските службеници го одземаат возилото по насоки на јавен обвинител, а натамошната постапка е во надлежност на обвинителството и судот, а возилата се одземаат согласно членовите 297, 297-а и 300-б од Кривичниот законик.
Од ОЈО Кавадарци за ВИКИМЕДИА појаснуваат дека кога станува збор за Членот 297-а „Безобѕирно управување со моторно возило“, дејствијата кои претходно беа прекршочно казнувани се подигнати на ниво на кривично дело, а возачите имаат кривична одговорност во наведените случаи дури и доколку нема директна штетна последица – предизвикана сообраќајна незгода.
Тоа значи дека возилото привремено се одзема, до завршување на постапката, која може да трае и со месеци, во зависност од вештачењата, односно не постои можност возилото да биде вратено на сопственикот во рок од неколку дена, како што се шпекулира во јавност, туку станува збор за подолга процедура.Исто така, во зависност од пресудата, некои возила ќе бидат и трајно одземени.
Околу тоа каде се чуваат привремено одземените возила, со оглед на тоа што деновиве беа евидентирани голем број на случаи со одземени возила од страна на СВР Велес, и дали инситуциите можат да обезбедат доволно простор за чување на овие возила, од ОЈО Кавадарци појаснуваат дека за чувањето е надлежна Агенцијата за управување со одземен имот.
-Човек без дозвола не треба да му се дозволи да влезе во сообраќај, човек којшто е по дејства на дрога и алкохол не треба да му се дозволи да биде дел од сообраќај, и ќе им ги одземаме возилата, ќе ги донираме на институции коишто ќе ги стават во функција на сите граѓани, лани изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, зборувајќи за измените на Кривичниот законик.
В.К.
НЕГОТИНО ГО ПРЕТЕКНА КАВАДАРЦИ: 144 ПИЈАНИ ВОЗАЧИ ,,ФАТЕНИ” ОД ПОЛИЦИЈАТА ВО НЕГОТИНО, НАСПРОТИ 134 ВО КАВАДАРЦИ!
3 Mins Read

