Соединетите Американски Држави (САД) и Република Северна Македонија (Северна Македонија) се согласија на рамка за договор за реципрочна, фер и избалансирана трговија (Договор) за да ја зајакнат нашата билатерална економска врска, што ќе им обезбеди на извозниците на двете земји проширен пристап до пазарите на другиот. Договорот ќе ја зајакне нашата трговска врска, ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе го поттикне економскиот раст и ќе го продлабочи нашето трансатлантско партнерство, објави Белата куќа синоќа.
По повод овој чекор, се огласи и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
-Македонија ќе ги укине царинските давачки за сите увезени американски индустриски и земјоделски стоки, а САД ќе ја задржат реципрочната царина од 15% за производите со потекло од нашата држава, додека паралелно ќе се идентификуваат производи што ќе добијат до нула проценти реципрочна тарифа. Со други зборови, за дел од клучните индустрии и производи царините ќе се намалат до нула, информираше Муцунски, откако Македонија и САД постигнаа договор за реципрочна трговија, кој ќе ги зајакне трговските односи помеѓу двете земји.
И премиерот Христијан Мицкоски доцна синоќа се огласи по повод договорот и кажа дека тоа е политика на конкретни резултати.
-По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија.
Оваа изјава претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД.
Таа го трасира патот кон сеопфатен договор кој ќе обезбеди тарифи не повисоки од 15 отсто, а за одредени производи и индустрии и до 0 отсто, отворајќи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст, објави премиерот Христијан Мицкоски.
Деск

