Жена од Тетово на 27-годишна возраст се водела како почината од 2006 година, во време кога била седум-годишно дете, а вчера се појавила со бебе во рацете во Центарот за социјални работи, за ВИКИМЕДИА потврдија од СВР Тетово.
Како што појаснуваат од секторот, тројца вработени во Центарот за социјални работи Тетово пријавиле сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.
-Вчера во 13:40 часот во СВР Тетово било пријавено дека на 21 јануари 2026 година во Центарот пристигнало известување од Управа за водење матични книги, во кое се наведува дека на 8 декември 2025 година во Клиничка болница Тетово е родено женско дете од мајка со иницијали А.С. (27).
При постапката за регистрација на новороденчето во службените евиденции на Управата, било утврдено дека мајката се води како почината од 21 октомври 2006 година, што предизвикало сомнение и било пријавено како можен случај на фалсификување службена исправа.
По преземени мерки и испратени покани, на 12 февруари 2026 година лицето А.С. се појавило во Центарот за социјални работи заедно со новороденото дете и едно машко лице. Притоа, не бил приложен ниту еден документ за лична идентификација, велат од СВР Тетово.
Додаваат дека надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе бидат соопштени дополнителни информации.
В.К.

