Денес, додека се одбележува празникот Свети Трифун, заштитник на лозарите и винарите, лозари од Тиквешијата се сеќаваат кога им било најисплатливо да се занимаваат со одгледување на винова лоза. Како што раскажуваат повеќето од нив за ВИКИМЕДИА, тоа дефинитивно бил периодот кога на власт бил Анте Марковиќ, во поранешна Југославија, на крајот на 80-те и почетокот на 90-те години.
Како што си спомнуваат, тогаш за килограм грозје добивале по една германска марка, што во тој период било значително добра цена.
-Таа година нема никогаш да ја заборавам! Кило грозје – една марка! Имав род од околу десет тона грозје, ми беше исплатено по цена од десет илјади германски марки. Веднаш со семејството си купивме нов автомобил. Сега, со пари од грозје, од површина од околу пет декари, такво нешто можеме само да сонуваме. Не можеме да земеме ниту 3.000 евра, а да не ги спомнуваме трошоците за производство кои константно растат. На крај остануваат едвај 1.000 евра. Го чуваме лозјето поради традиција, а не дека очекуваме посебна заработка од него, раскажува лозар од Неготино.
-Навистина, времето на Анте Марковиќ беше период кога не само лозарите, туку сите земјоделци видоа ќар од својот труд. Би го опишал како период на финансиска сигурност, но сите бевме свесни дека нема долго да трае, и на крај политичката криза ни ја уништи стабилноста. Не веруваме дека во скоро време земјоделството, конкретно лозарството, пак ќе се врати на тоа ниво, кога од парите од годишна реколта лозарот можеше да живее достоинствено цела година, ни раскажа лозар од Глишиќ.
Додаваат дека тогаш македонското лозарство беше поврзано со пазарите на останатите југословенски републики, што дополнително значеше можност за широк пласман.
Како потсетување, животот во Македонија за време на мандатот на Анте Марковиќ (1989–1991) остана запаметен како период на надеж, но и на неизвесност. Како последен премиер на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Марковиќ се обиде да ја стабилизира економијата и да ја зачува федерацијата во време на длабока политичка и економска криза.
Со доаѓањето на Марковиќ на власт, започнаа амбициозни економски реформи. Воведувањето на конвертибилен динар и мерките за контрола на инфлацијата донесоа краткотрајна стабилност. Во Македонија, која тогаш беше една од шесте републики во состав на федерацијата, граѓаните за првпат по подолг период почувствуваа дека цените се смируваат, а платите добиваат реална вредност.
Продавниците беа подобро снабдени, а девизните штедни книшки повторно добија значење. Се појави чувство дека економијата може да закрепне, а довербата во реформите на Марковиќ беше релативно висока.
В.К.
ВО ВРЕМЕТО НА АНТЕ МАРКОВИЌ СО ПАРИ ОД ЕДНА БЕРБА КУПУВАВМЕ НОВ АВТОМОБИЛ, ВЕЛАТ ЛОЗАРИ ОД ТИКВЕШИЈАТА
2 Mins Read

