Кавадарци ќе стане позната шопинг-дестинација во земјава, по најавата за изградба на уште еден трговски центар, трет во градот, кој би требало да привлече домашни и странски брендови, и да ја поттикне локалната економија. Со самото тоа, општината влегува во нова фаза од својот урбан и економски развој.
Станува збор за изградба на мол на местото на стариот суд, а информацијата ја потврди и градоначалникот Митко Јанчев, за време на своето гостување во емисијата ТВ Објектив на КТВ. Се работи за локација со површина од околу 3.000 метри квадратни, а неофицијално, инвеститор е компанија од Струмица.
Исто така, градоначаникот за ВИКИМЕДИА минатата недела ја потврди информацијата дека КАМ ИМОБИЛИЕН, сестринска компанија на КАМ ДОО од Скопје, член на групацијата Камчев груп, купила плац, кој се наоѓа на улица Ресавска, наспроти новоизградената детска градинка. Компанијата веќе најави изградба на трговски центри во повеќе градови во земјава, па се очекува и во Кавадарци, на површина од околу 2.000 метри квадратни да биде изграден нов трговски комплекс.

Во градот во тек е и изградбата на комплексот Little America, во чиј склоп ќе биде сместен најсовремен трговски центар. За истиот е најавено дека ќе нуди врвно шопинг искуство кое ќе има дизајнерски бутици, маркети, врвни ресторани во елегантна и модерна средина.
-Софистицираниот и модерен дизајн на трговскиот центар, заедно со неговиот неспоредлив избор на брендови, ресторани, продавници за мода и начин на живот, го прават да биде совршено место за шопинг, оброк и релаксација во стил, истакнато е на страницата на Little America.
Покрај овие трговски центри, во Кавадарци доаѓаат и ЛИДЛ и СПАР маркетите. Најавениот инвестициски бран ќе придонесе за долгорочен напредок на градот и зајакнување на неговата позиција како регионален економски центар. Проектите треба да донесат дополнителни работни места и да привлечат потрошувачи и од другите градови.
Вики Клинчарова

