Струмица ги живее карневалските денови, а карневалот секоја година носи десетици илјади посетители од сите краеви.
Вечерва од 18.00 часот започнува Интернационалната карневалска поворка, а потоа од 21.00 часот следува Афтерпарти – Сите на нога со Кирил Џајковски, на плоштадот Гоце Делчев.
Утре пак, се одржува Детскиот карневал и карневалска забава, како и Детското карневалско дефиле.
,,Дојдов во еден град, расположен во полите на еден висок баир и видов како таа ноќ маскирани луѓе претрчуваа од куќа во куќа, низ смеа, писок и песна” – напишал познатиот отомански патописец Евлија Челебија уште во далечната 1670 година, за своето искуство додека минувал низ Уструмџа. Најверојатно, станувало збор за тримерските карневалски свечености во Струмица, за древниот настан кој и денес продолжува да се одржува годишно, единствен од таков вид во Македонија.
Струмичкиот карневал е традиционален локален обичај со вековна традиција, кој директно е поврзан со верскиот празник „Тримери“, кој пак е поврзан со армасаните (верените) девојки. Датумот на одржувањето се менува зависно од Велигден и традиционално се одржува во вторник после Поклади -Прочка.
Дека станува збор за древна традиција, показател се маските и носиите кои останале во употреба, а се работи за рогови од разни животни, како и облека од кожа и крзно.
Мотивите најчесто се невеста и младоженец, кои ги симболизираат верениците, попот кој ги благословува младите за среќа и слога во бракот, како и ѓаволот кого сите го бркаат, што симболизира бркање на сите лоши влијанија кои би можеле да им наштетат на младите.
Денес карневалот има добиено модерна димензија, а преку маските се покажува вечната борба помеѓу доброто и злото. Самите учесници си ги избираат маските, а актуелни се и групните маски кои се заедничка идеја на целата група.
Иако карневалот со тек на годините станал посовремен, сепак неговиот традиционален карактер и одењето по куќите на верените девојки како обичај останал. Со гитари, дајре, хармоника и други музички инструменти, маскираните групи одат по куќите на верените девојки каде се прават забави.
Карневалот кој датира со векови наназад, во изминатите триесеттина години има обновена организациона форма и е еден вид на централен настан во Струмица кој привлекува гости од целиот свет.
В.К.
Фото: Општина Струмица

