Ана Костадиновска, која беше придружен вокал на настапот на ДНК во кобната ноќ во Кочани, на денешното рочиште за првпат раскажа што се случувало во таканаречениот клуб, на 16-ти март лани, кога 63 млади лица ги загубија животите во пожарот.
Според нејзиното сведочење, прскалките кои го предизвикале пожарот се користеле со години наназад, за време на настапите. Кога започнале со изведба на четвртата песна ,,Што сака нека биде” ги забележала искрите.
Се се случувало со молскавична брзина, а таа и Сара Пројковска, со која со години наназад беа придружни вокали за поголем дел од естрадата, заедно тргнале надвор.
Во големата гужва се разделиле, а таа паднала пред излезот и се нашла најдоле во стампедото.
Кажа дека не може да го опише хоророт, а била спасена од момче кое не го знае, и кое сите ги држело будни, и на крај ја извлекло.
Во пожарот кој однесе 63 млади животи, а над 200 младинци беа повредени, загинаа Андреј Ѓорѓиевски и Владимир Блажев – Панчо од ДНК, како и уште шест лица од тимот на дуото, односно починати се и музичарот Филип Стевковски, гитаристот Андреј Коларов, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, придружниот вокал Сара Пројковска, тонецот Игор Велков и бит-боксерот Мартин Атанасовски – Буцо.
За Костадиновска, сите тие биле како дел од нејзиното семејство. Талентираната млада жена, која со децении наназад пее придружни вокали на многу познати музичари, и е позната на јавноста многу одамна. Ќерка е на легендарниот композитор Кире Костов, кој почина пред три години, а нејзина мајка е професорката по пијано Кармен Костова.
Заедно со професорката Сара Пројковска, која го изгуби животот во трагедијата, повеќе од две децении се дружеа приватно и професионално и беа дел од бројни концерти, како придружни вокали. Нивната дружба започнала уште од средношколските денови.

Пред околу четири години, Ана доживеа семејна трагедија, го изгуби сопругот Бобан, кој почина по кратко боледување, и остана како самохрана мајка да се грижи за нивната ќеркичка.
Слична беше и животната приказна на Сара, чиј поранешен сопруг, џез музичарот Александар Николовски почина по кратко боледување пред околу пет години, и таа самата се грижеше за нивните две деца.
Ана и Сара зад себе имаа илјадници настапи како придружни вокали на голем број домашни музички ѕвезди и на популарни музички настани и восхитуваа со нивната енергија, талент и професионалност.
Деск

