На денешен ден, 26 февруари, Македонија се сеќава на својот поранешен претседател Борис Трајковски, кој трагично го загуби животот во авионска несреќа во 2004 година.
Во несреќата загинаа и Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска – советници во Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски, вработен во МНР, Борис Велинов, Аце Велиновски – обезбедување, Марко Марковски и Бранко Ивановски – пилоти на авионот.
Трајковски беше втор претседател на независна Република Македонија, избран во 1999 година. Неговиот мандат беше обележан со сериозни политички и безбедносни предизвици, особено за време на конфликтот во 2001 година. Тој одигра значајна улога во процесот на смирување на состојбите и беше еден од потписниците на Охридски рамковен договор, со кој беше поставена основата за зачувување на мирот и унапредување на меѓуетничките односи во државата.
На 26 февруари 2004 година, владиниот авион во кој се наоѓаше претседателот се урна во близина на Мостар, во Босна и Херцеговина, при што загинаа сите патници и членови на екипажот. Веста за неговата смрт предизвика шок и тага во земјата и регионот.
Борис Трајковски останува запаметен како политичар со силна верба во дијалогот, соживотот и евроатлантската перспектива на Македонија. Неговото наследство и денес претставува важен дел од современата македонска политичка историја.
Деск

