Моментално во Крива Паланка се одржува мирен протест на кој присуствуваат стотици жители на општината, кои бараат конечно да се реши проблемот со кравите на семејството Ѓорѓиевски, кои со години наназад се распуштени и прават големи штети на земјоделски имоти, но и го загрозуваат соообраќајот, а исто така е загрозена и безбедноста на самите животни кои слободно се движат и по коловозот.
Откако вчера во општината се случуваше нереална бркотница, кога инспектори од АХВ и полиција се обидуваа да ги фатат кравите, а сопствениците ги бркаа по ридовите и не дозволуваа да бидат заловени, граѓаните бараат сериозен пристап кон проблемот и без одлагање – почитување на институционалните одлуки.

Градоначалникот на општината, Сашко Митовски кој е помеѓу луѓето на протестот, за ВИКИМЕДИА вели дека ова е проблем кој датира повеќе од десет години. Додава дека станува збор за околу 900 крави, кои се распуштени, без маркици, без контрола на нивната здравствена состојба, а кои семејството ги продава на црниот пазар.
-Сопствениците на кравите се исклучени од добивање на субвенции по грло добиток, значи тие ги чуваат кравите само за продажба, и иако немаат дури ниту ушни маркици, тие завршуваат како месо на нечија трпеза. Решението на проблемот е во рацете на Агенција за храна и ветеринарство, и тие треба да ги соберат и згрижат животните, бидејќи имаат и решение за таа постапка.
Но, ова можеби ќе звучи и нереално, јас сметам дека треба да се прогласи кризна состојба на територијата на Крива Паланка, да се испратат специјални тимови и механизации, па така да бидат лоцирани и заловелни сите животни кои со години нанесуваат штети на населението, вели градоначалникот.
Потсетува на случајот од синоќа, кога возило удри во крава која слободно се движела по коловозот. Вели дека тоа не е единствен случај, распуштена крава да биде причина за сообраќајна несреќа, и потенцира дека според закон, мора да се стави крај на оваа ситуација.
-Имавме голем број на сообраќајки, кога крави излегуваат на пат, пред возило. Да потсетам и на случајот кој заврши со смртни последици, а кога почина повозрасна жена, која беше турната од крава, тоа се случи пред неколку години во село Варовиште. Никој нема понесено одговорност! Свесен сум дека АХВ нема доволно механизми да се справи со проблемот кој е обемен, затоа и кажав дека е потребно прогласување на кризна состојба и целосно мобилизирање, за да се стави крај на оваа ситуација, ни изјави Митовски.
Вики Клинчарова

