Додека македонската јавност е во очекување на официјална потврда дали 25-годишниот Трајчо Б. од село Малотино е сериски убиец, или е извршител само на убиството на 78-годишна жена од Челопек, потсетуваме за еден од најозлогласените сериски убијци на жени во земјава.
Се работи за случајот од 2009 година, кој ја остави нацијата во страв и неверување, а зад кој стоеше 28-годишник од Скопје.
Серискиот убиец на жени, Виктор Карамарков денес има 45 години и веќе 17 години е во затворот Идризово, каде ја издржува доживотната казна поради убиство на четри жени во Скопје. И покрај тоа, тој или лице кое се претставува како него, има активен профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Во време кога нацијата беше шокирана поради сериските убиства извршени од тогаш 28-годишниот скопјанец, поради начинот на кој биле извршени убиствата, тој го доби прекарот Расколников.
Имено, Карамарков беше опишан како високо интелигентно момче кое своето основно образование го завршило со високи оцени. Тој исто бил многу заинтересиран во различна руска литература, посебно за романот „Злосторство и казна“ на Фјодор Достоевски, идентификувајќи се со главниот лик на романот, сиромашниот поранешен студент Родион Расколников.
Инспирирајќи се од својата омилена книга, Карамарков барал повозрасни жени како жртви. Кога ќе најдел соодветна жртва, звонел на вратата и барал пари, со изговор дека се работи за неговата болна мајка. По влегувањето во станот, тој вадел мала секира завиткана во весник и лента, а потоа ги убивал жртвите, пред да го ограби станот. Најчесто крадел златен накит за да се снабди со повеќе лекови, бидејќи бил наркоман.
По секое убиство, тој ја посетувал црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров и барал прошка.
Иако бил опседнат со Расколников и со книжевност, и тогаш МВР го опиша како многу интелигентен, но пореметен човек, всушност тој бил само очаен наркоман, кој убивал за да дојде до пари, а на сопствената изопаченост и давал идеолошка маска.
Деск

