Кога била мала, во Битола ја нарекувале девојчето со убав глас, за да потоа, на 19 години за неа слушне цела поранешна Југославија, кога на музичкиот Фестивал Суботица го имала своето деби со песната ,,Еден пораз не е крај” за која освоила прва награда. Саша Петковска (1951 – 1983) ни остави ризинца од хитови помеѓу кои „Бакни ме“, „Никогаш, никогаш“, „Чао адио“, „Запри срце“, „Грижа“ и многу други, кои и денес, 43 години по нејзината смрт, се уште се слушаат.

Родена во Зрењанин, во семејството на Блаже и Војда Петковски, уште додека била мала се преселиле во Битола, бидејќи татако и бил воено лице. Пораснала во градот на конзулите, и битолчани секогаш ја сметаа за своја. Изгради богата музичка кариера и сними повеќе плочи, а на реномираниот фестивал Сан Ремо, во делот за млади пејачи – Кантаџиро, освои трето место.
Беше во брак со музичкиот и моден менаџер Марио Липша, со кого ги добија двете ќерки Леа и Сандра. Липша почина пред четири години, на 78-годишна возраст.

-Немам многу сеќавања за мајка ми, бидејќи бев 4-годишно девојче кога таа почина, но ги знам сите нејзини песни. Дел од нејзе живее во мене, ги чуваме дома сите нејзини албуми, сите фотографии, и ја слушаме музиката. Добро е што се памети нејзината музика и што тоа придонесува да се негува квалитетната македонска музика, каже нејзината ќерка Сандра пред 16 години во Битола, кога се одржа манифестацијата ,,Незаборав” во чест на Сашка.
Пејачката со преубав глас загина на 32 години, кога беше на врвот на кариерата, во тешка сообраќајна несреќа на патот Куманово – Свети Николе, за време на турнеја. Во несреќата загинаа девет лица, a 13 беа повредени. Помеѓу загинатите беа и членови на првата македонска балетска група „Авона“.
Деск

