Седумнаесет години не се разреши мистеријата за смртта на малата Ангела, случај кој ја вознемири целата јавност, и за кој се уште остана неодговорено прашањето – Како почина шест-годишното девојче од мариовско?
Ангела Ѓорѓиоска од мариовско Дуње исчезна на 23-ти јули 2009 година. Имаше шест години. Според тогашните изјави на блиски на семејството, таа била на гости заедно со своја братучедка, кај пријатели во соседството. Излегла надвор, бидејќи повеќе не сакала да седи, и од тогаш и се изгуби траг. Полициската истрага тогаш потврди дека трагите на Ангела се губат кај селската црква, којашто се наоѓа речиси на крај од селото.

Приказни за наводно киднапирање, дојави дека наводно била забележана во друг град, и низа на претпоставки се испреплетуваа додека се трагаше по девојчето. Беше вклучена полицијата, кучиња трагачи, хеликоптер, вклучување на специјализирана екипа која работеше на пронаоѓање на сигнали и докази дека Ангела е евентуално надвор од селото или во врска со вмешаност на некоја криминална група, како и бројни доброволци, неуморно трагаа со денови и недели.
За Ангела се бараше помош и од Интерпол, во случај да била киднапирана и однесена надвор од државата.
Се пребаруваа бунари и јами, се вршеше распит со жителите на Дуње, како и на околните села, но безуспешно.
По шест месеци, на 15-ти февруари 2010 година, МВР соопшти дека остатоците од детско тело, кои биле пронајдени пред две недели кај селото Пештани во Мариово, и припаѓаат на Ангела.
Тоа било утврдено во Судска медицина, по ДНК анализата.
Остатоците беа пронајдени но висок рид во близина на соседното село Пештани, а таму според жителите тешко можел да се искачи и возрасен човек, а не мало девојче, на пеколна жештина. Местото е оддалечено од родното село на Ангела 6-7 километри и се наоѓа во непристапен терен.
Докторите од судска медицина не можеа да прецизираат кога и како настанала смртта на малата Ангела Ѓорѓиоска од мариовско Дуње, но нејзиното тело по смртта било било растргнато од животни. Родителите одбиваа да прифатат дека се работи за нивното дете и одбиваа да ги погребаат посмртните останки. Дури по речиси шест години, посмртните останки на Ангела беа погребани на градските гробишта „Песјобрдце“ во Прилеп.
Што се случило со девојчето и како тоа починало, остана енигма за нејзиното семејство, но и за целата јавност.

На страницата за исчезнати лица на МВР со години стојат фотографиите на исчезнати деца кои до денес не се пронајдени – Мирсада Хелдовиќ, исчезната на пет-годишна возраст во Куманово во 2010 година, Митат Ибраими, исчезнат на осум-годишна возраст во Средно Коњари, скопско во 2010 година, Дане Мемеди, исчезнат на четири-годишна возраст во Куманово во 2010 година, Петар Џобески, исчезнат на десет-годишна возраст во Врпско, Прилеп, Елиф Идиќ, исчезната на седум-годишна возраст од Куманово, како и 16-месечната Елиф Фејзула, која исчезна во поплавата во Стајковци пред речиси десет години.
Не е пронајден ниту Џеладини Ренат, кој исчезна во Куманово во 2014 година, два дена пред да наполни 15 години.
Вики Клинчарова

