Поради сомнение за примање мито во износ од 50.000 евра, синоќа е уапсен директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, во полициска акција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Набргу по апсењето на социјалните мрежи протекоа фотографии од лице кое лежи со врзани раце, со покриен лик, а за кое се претпоставува дека е Анакиев.
Денес, од Социјалистичката партија, чиј потпретседател е тој, се огласија со жестока реакција, и како што тврдат, со тендециозното објавување на фотографиите се газело врз човечкото достоинство.
-Социјалистичката партија на Македонија жестоко реагира од нападното партиско етикетирање на актуелни случаи со сериозни обвиненија и тенденциозното објавување фотографии со кои се гази врз човековото достоинство, а за што од одговорните е потребно издржано објаснување.
Социјалистичката партија на Македонија ги повикува надлежните институции да постапуваат според закон, одговорно и без селективност да ги превземаат сите активности во разоткривањето на било кој случај за кој постојат основани сомненија за сторен криминал или злоупотреба на службената должност. Почитувањето и примената на законот исклучува селективност или пристрасност и обезбедува праведност, истакнаа од партијата.
Деск
СО ОБЈАВЕНИТЕ ФОТОГРАФИИ ОД УАПСЕНИОТ АНАКИЕВ СЕ ГАЗИ ВРЗ ЧОВЕЧКОТО ДОСТОИНСТВО, РЕАГИРААТ ОД СОЦИЈАЛИСТИЧКАТА ПАРТИЈА ЧИЈ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ Е ТОЈ
1 Min Read

