Додека во јавноста е актуелно мајмунчето Мики од Скопје ЗОО, на кое гостите во четвртокот, за време на забавата за неговиот роденден му ги украле подароците, многумина се сеќаваат и на настанот со мајмунчето Лука од Скопје ЗОО, кој пред 11 години ги наполни насловните страници на домашните, но и на регионалните медиуми.
Во тој настан, пак имаше кражба, а беше украден тогаш година и половина стариот Лука, мајмунче од видот павијан. Лука, како и Мики, беше отфрлен од неговата мајка и за него се грижеше зоо негувателка. Беше украден од страна на 26-годишна жена од Кавадарци и нејзиниот 31-годишен пријател, кои според полицијата, со алат пресекле делови од челичните жици на мрежестата ограда, низ отворот го извлекле мајмунчето, ја прескокнале капијата, па со такси тргнале кон Кавадарци.

Истите беа откриени уште истата вечер, а Лука беше вратен во Зоолошката.
Првично, во некои медиуми се објави приказна дека наводнo мајката го украла мајмунчето за со него да си игра нејзиното дете кое имало здравствени проблеми, но подоцна полицијата соопшти дека таа и нејзиниот пријател веќе имале дебело криминално досие, а против нив биле поднесени над 30 кривични пријави.
Исто така, се обелодени и податокот дека мајмунчиња од видот павијан во тој период се продавале по цена од околу 3.000 евра. Против сторителите беа поднесени кривични пријави, но не беше обелоденето во јавност дали и со каква казна се соочија.

По некое време Лука беше преселен во битолската зоолошка градина, од каде по бурни јавни реакции поради нехумани и мизерни услови во кои беше сместен, пак беше вратен во Скопје ЗОО. Подоцна, по уредување на живеалиштето повторно го однесоа во Битола, а последната информација за него од пред четири години е дека бил преселен во штипската зоолошка градина.
Деск
Фото: Горан Анастасовски

