Пред неколку дена објавеното истражување на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ ни соопшти бројки покрај кои не смееме да поминеме како да станува збор за обична статистика. Истражувањето, спроведено на примерок од 1.040 полнолетни испитаници, покажува дека 37 отсто од граѓаните малку веруваат дека можат да добијат еднаков третман во јавното здравство без познанства, плаќање или друг вид коруптивни практики, а 20,4 отсто воопшто не веруваат во тоа. За 33,4 отсто корупцијата најчесто е поврзана со добивање болнички кревет или операција без чекање, додека пак за 26,8 отсто таа е поврзана со пристап или итен термин кај специјалист, а за 21 процент со подобар третман од страна на специјалист. Ова се податоци кои не може да се редуцираат само на поединечни девијации, бидејќи тие упатуваат на постоење на генерализирано чувство за нарушеност во правичноста на самиот пристап до здравствената услуга, пишува министерот за здравство, Азир Алиу во својата нова колумна.
Како што истакнува, граѓанинот верува дека без врски не може да стигне до она кое му следува во здравството, а тој како министер имал обврска да одговори институционално и системски, и со помош на дигитализацијата и транспарентноста ќе се борел за правичност.
-Кога недовербата станува толку општествено изразена, проблемот веќе не може да се набљудува само низ призмата на постоењето на коруптивен чин, неговите рамки се одредуваат и од однапред развиените очекувања. Граѓанинот однапред верува дека без посредување, врска или неформална услуга не може да стигне до она што му следува. Се наоѓаме во момент во кој слабеењето на довербата во еднаков третман води кон поткопување на довербата во институцијата, но, што е и уште позагрижувачки, и на довербата во општествениот морал – дека болниот ќе биде примен како човек, а не како нечие влијание, нечие познанство или нечие „завршување работа“.
Како министер, мојата обврска е прво да одговорам институционално и системски. Затоа, уште од првиот ден, јавно и доследно ја бранам линијата дека дигитализацијата и транспарентноста нема да останат само технички украс на здравството, туку ќе прераснат во инструмент на правичност. Уште на самиот почеток, воведовме можност за електронско пријавување на неправилности преку дигитален модул, воведовме систем за електронско следење на елективните хируршки интервенции, листите на чекање ги правиме видливи, редоследот проверлив, а пациентот добива увид кога е навистина на ред.
Истовремено, ги подготвивме законските измени за електронско водење на медицинската документација, упатите, рецептите и извештаите, кои преку „Мој Термин“ добиваат и една подлабока цел да ја стеснат сивата зона во која со години растеше просторот за злоупотреба. Деновиве повторно јавно кажав и дека борбата против корупцијата мора да се води преку транспарентност со граѓаните, дигитализација на системот, строги правила и можност за анонимно пријавување злоупотреби. Сите овие институционални подобрувања и изрази на силна политичка волја да системот го унапредиме се нужни, но не и доволни. Би згрешиле ако поверуваме дека и најдобро уредениот систем може да ја заврши целата работа сам. И во најсовршениот здравствен систем останува еден простор што не може до крај да го регулира ниту законот, ниту алгоритамот, ниту протоколот. Тој простор е суштински интимен, во него остануваат само лекарот и пациентот. Системот може да му постави рамка, но не може да навлезе до крај. Таму етиката е таа која го дефинира односот. Или, уште поточно, нејзиното присуство или отсуство, пишува Алиу.
Тој додава дека како институции, мораат уште поцврсто да го намалуваат просторот за злоупотреба преку дигитални траги, правила, надзор, санкции, деполитизирани процеси и слично.
– Самото истражување на ЕСЕ покажува дека граѓаните токму тоа и го очекуваат: поголема контрола од Министерството, построги санкции, повеќе транспарентност и елиминирање на политичките влијанија и непотизмот. Но, одговорноста не завршува со институционалната поставеност, таа продолжува и во секојдневната професионална одлука на секој лекар и здравствен работник. Тие треба да го бранат внатрешниот предел на медицината, каде што ниеден систем не може да ја замени совеста, а ниедна апликација не може да ја замени личната чест . Само тогаш кога системот и совеста истовремено ќе стојат на иста страна и под морална вертикала, ќе имаме здравство во кое пациентот ќе знае дека пред себе има не само институција, туку и човек кој ја разбира моралната тежина на својата професионална должност, истакна министерот во својата колумна.
Деск

