Голем дел од новинарската фела адресираше низа на критики кон новинарот Невриј Адеми, кој вчера во Тетово, за време на промоцијата на реновираното училиште „Моша Пијаде“, на министерката за образование Весна Јаневска и се обрати со зборовите -Си зема преведувач, министерке, а откако таа одговори со -Не, тој и рече „Ти кажавме кога ќе дојдеш во Тетово да земеш преведувач“.
Пристапот на Адеми кон министерката наиде на бурни реакции, како помеѓу граѓаните, така и помеѓу медиумската заедница, од каде се бара да се огласат и новинарските здруженија, и да го осудат обраќањето на новинарот, кое го оценуваат како непочитувачко и непрофесионално.
Инцидентот предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, каде граѓаните, но и дел од новинарската фела, го осудија однесувањето, нагласувајќи дека ваквиот пристап го нарушува угледот на професијата. Голем број на новинари потсетуваат на етичките стандарди кои налагаат почит, објективност и професионалност во комуникацијата со јавни функционери.
Од друга страна, се отвора прашањето за потребата од дополнителна едукација и саморегулација во новинарството, со цел да се зачува довербата на јавноста.
Случајот треба да послужи како потсетник дека слободата на изразување оди рака под рака со одговорноста и професионалната етика. Очекувањата се дека надлежните тела ќе го разгледаат настанот и ќе преземат соодветни мерки.
В.К.

