Дејан Јанков, сопруг на Злата, жената од Свети Николе која исчезна на 16 јуни 2024 година, веќе деветти ден штрајкува со глад пред светиниколската полиција. За ВИКИМЕДИА вели дека денес повторно му се слошило, имал значително повишен крвен притисок, по што била повикана лекарска екипа.
Во болница му била дадена терапија, а по еден час бил пуштен и пак се вратил пред полиција, каде го продолжил штрајкот.

-Пред три дена, на шестиот ден од штрајкот многу ми се слоши, започнав целиот да се тресам, и брат ми, кој постојано е покрај мене повика итна медицинска помош. Бев пренесен во болница со возилото на итната помош, ми дадоа терапија, и јас пак се вратив овде и го продолжив штрајкот. Тешко е, има периоди кога започнувам да се губам, тоа се случи и денес, брат ми пак повика лекарска помош, ми дадоа терапија за покачен крвен притисок, почекаа да се стабилизира притисокот и ме пуштија да си одам.
Јас, како што кажав на почеток, не мрдам од овде додека не добијам конкретни одговори за судбината на мојата сопруга и мајката на моите деца. Каде е Злата? Каде е нејзиниот телефон? Чие беше возилото кое селани го забележале дента кога таа исчезна? Барам целиот случај да се разгледа од почеток, да се истражи секој детал, и да добиеме одговори на прашањата, вели Јанков.
Посочува дека за целото време, додека е на улица, сите го одминуваат како да е невидлив и не го крие разочарувањето од заедницата, како и од институциите.
-Од болница доаѓаат само ако брат ми ги повика. Имаат човек кој штрајкува со глад и чиј живот е загрозен, наместо самите секој ден да поминат во контрола, тие чекаат да паднам, па да бидат повикани. Од полиција, исто така сум оставен како да сум невидлив.
Нема телевизиски екипи, нема граѓански организации, никој не се интересира за оваа човечка трагедија! Денес е моето семејство, утре може и на друг да му се случи, како на овој народ може да не му биде воопшто грижа за туѓата мака?
Нека се постават нови истражители, нека се започне цела истрага од почеток, нека се помести овој случај од мртва точка, и нека се покаже грижа кон обичниот човек! Што повеќе можам да направам јас, како скромен граѓанин, освен на ваков начин да барам одговори и да не дозволам Злата да биде заборавена, вели Дејан.
Додава дека не отстапува од штрајкот, дури и по цена на живот. Како потсетување, неговата сопруга исчезна среде бел ден од село Орел, каде имале викедичка и се занимавале со земјоделие, кога тргнала да си оди дома, во Свети Николе.
Вики Клинчарова

