Актерот во пензија од Театарот на народностите-Турска драма, Атила Клинче, е добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2026 година. Наградата, која се состои од плакета со ликот на Петре Прличко, паричен износ од 30.000 денари и цветен аранжман, му беше врачена на отворањето на Фестивалот на комедија „5-РЕ“ во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“.
-Во рамки на отворањето на Фестивалот на комедија „5-РЕ“, настан што од година во година го буди духот на уметноста во Велес , актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2026 година му беше доделена на Атила Клинче, актер во пензија од Театар на народностите-Турска драма.
Искрени честитки за ова заслужено признание, почит за долгогодишниот труд, посветеност и придонес кон театарската уметност, објави министерот за култура, Зоран Љутков.
Клинче е добитник на повеќе признанија, меѓу кои Наградата за млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 1982 година, признанието Актер на годината од турските медиуми во 2003 година и државната награда „11 Октомври“ во 2016 година. Тој бил и долгогодишен директор на Турскиот театар, период во кој театарот освоил 43 награди, како и Орден за заслуги за Македонија во 2011 година. Покрај актерството, Клинче е професор по сценски говор на Факултетот за драмски уметности и автор на два учебника.
Деск

