-Бевме шест деца, сиромаштија, само татко ми работеше. Песната беше најубавиот начин да побегнам од сиромаштијата. Учев соло пеење, свирев на клавир, бев дел од фолклорно друштво. Фаталната средба со Ѓорѓи се случи на Златибор, кога по желба на Тито се одржа фолклорена смотра од цела Југославија, раскажа Кевсер Селимова, која заедно со сопругот Ѓорѓи го сочинуваа најпознатото македонско дуо ширум поранешна Југославија, Селимова – Желчески. Таа настапила како играорка, а тој како пејач од Радио Скопје, и по првата средба пламнала нивната љубов.

Во интервју за ,,Музичка аптека” таа си спомнува како постојано биле заедно, но се решиле да стапат во брак дури по 17 години врска, во 1978 година.
-По еден настап во Домот на синдикатот, ни пријде Силвана Арменулиќ и не праша кога конечно планираме да се земеме, бидејќи сакала да ни биде кума. Кога таа загина, се сетивме на нејзините зборови, и набргу потоа се венчавме. Во Белград дојдовме во 1963 година, и таму ни се роди ќерката Ана, го добивме и внукот Ерол. Добивме скромна пензија, но и многу естрадни награди од Србија и цела Југославија, раскажа Кевсер во интервјуто од пред три години.
Таа пред неколку дена наполни 81 години и времето го минува во својот дом во Белград, опкружена со блиските. Нејзиниот сопруг Ѓорѓи почина пред шест години, на 82-годишна возраст. Во 2016 година, парот доби Златна бубамара за животно дело.
Овој музички дует зад себе остави богато наследство од песни, исполнети со емоции, искреност и автентичен израз.
Деск

