Рис Кетлер е млад човек од Канада чија животна приказна претставува вистинска инспирација. На само 19 години, во 2019 година, доживува тешка несреќа при играње хокеј на мраз, по која останува парализиран.
Во првите месеци по несреќата, тој се соочувал со длабока депресија, чувство на изгубеност и темни мисли додека бил хоспитализиран. Сепак, со текот на времето, успева да ја пронајде својата внатрешна сила и постепено да го промени својот поглед кон животот. 
Денес, преку социјалните мрежи како Instagram и TikTok, редовно споделува фотографии и видеа со кои покажува дека, и покрај парализата на нозете, живее активен и исполнет живот. Тој тренира во теретана, фокусирајќи се на горниот дел од телото, патува со авион, работи онлајн, вози автомобил и самостојно ги извршува секојдневните обврски.
Неговата мисија е јасна – да мотивира и да им даде надеж на другите лица со инвалидитет дека можат да продолжат да се борат и да живеат нормално, без оглед на предизвиците. Особено силна порака му оставиле зборовите на неговиот доктор, кој му рекол дека можеби нема повторно да оди, но дека може да биде успешен доколку навистина го сака тоа.
„Имам видено многу луѓе во количка кои се успешни. Можеш да направиш сè што ќе посакаш, ако навистина го сакаш тоа“, му порачал докторот.
Овие зборови станале водилка во неговиот живот и доказ дека со доволно самодоверба, упорност и вера во себе, границите можат да се надминат.
М.К.

