Во тек на вчерашниот ден беше отстранета заштитната ограда околу рибникот Дошница во Општина Демир Капија, како прва фаза од планираната изградба на пат. Сопствениците на рибникот, кој е семеен бизнис со 70-годишна традиција одржаа мирен протест, на кој истакнаа дека не е проблем отстранувањето на оградата, туку она кое следи потоа, односно алармираат дека со изградбата на патот е загрозено функционирањето на рибникот, бидејќи базените за производство на риба ќе бидат ставени вон функција.

-Станува збор за изградба на пат со должина од околу 150 метри и ширина од пет метри, кој води до само една викендица. Ние, како сопственици на рибникот, од каде егзистенција имаат повеќе семејства, се обидовме да најдеме алтернативно решение, односно во повеќе наврати предлагавме да се дислоцира патот. Подготвени сме самите да финансираме негова изградба, но да не минува токму овде, бидејќи тоа би значело уништување на инсталациите на базените, односно, едноставно појаснето, тоа би значело уништување на рибникот, за ВИКИМЕДИА вели Елеонора Настова Димова, во чија семејна сопственост е рибникот.
Како што истакнува, вчера била отстранета оградата, а денес немало никакви активности, и уште еднаш апелира до надлежните служби да се обидат да најдат решение кое би било прифатливо за сите.
До редакцијата на ВИКИМЕДИА, Настова Димова достави видео материјали, на кои се гледа како работниците ја рушат оградата, додека таа им кажува дека ја рушат душата на рибникот.
Од Општина Демир Капија пак, се огласија со соопштение до јавноста по повод случајот и тврдат дека намерата не е да се нанесе штета, туку активностите биле преземени врз основа на постапка и насоки од Државниот градежен инспекторат од Скопје, кој е надлежна институција за контрола на бесправни градби и градежни активности.
-Ова не е вандализам, туку локалната самоуправа само ги спроведува законите и одлуките на институциите, објавија од општината, посочувајќи дека остануваат отворени за разговор, дијалог и решавање на сите прашања на цивилизиран и институционален начин.
Во врска со ситуацијата, се обидовме да добиеме коментар од градоначалничката на Демир Капија, Наталија Димитриева, но таа преку СМС порака кратко ни одговори дека ќе не контактира подоцна. До објавата на веста, не бевме контактирани.
Апдејт: По објавата на веста, градоначалничката Димитриева стапи во контакт со нашата редакција, а известувањето до јавноста кое ни го достави ќе биде објавено дополнително.
В.К.

