Денес во Основниот суд во Скопје продолжува судењето за случајот со самоубиството на Ивана Јовановска и нејзината 6-годишна ќерка Катја, долгогодишни жртви на семејно насилство. За трагедијата е обвинет сопругот и татко Стојанче Јовановски.
Сведочеше наставничката на девојчето,а ќе сведочи и братот на Ивана.
Според сведочењето на наставничката, и училиштето знаело дека Ивана е трпи физичко насилство од сопругот. Тоа го кажала Катја, а и мајката на Ивана, која често го носела или земала девојчето од училиште.
Кога Катја кажала како татко и ја тепа мајка и, бил известен училишниот психолог, кој разговарал со неа и со мајка и, а потоа на Ивана и било кажано каде да се обрати во случај на семејно насилство.
Вчерашното судско рочиште пак, на кое за малтретирањето кое го трпеле Ивана и Катја сведочеше интимен партнер на Ивана, наиде на линчувачки јавни реакции, па наместо да биде фокусот на жртвите и на институционалните пропусти во случајот, актуелни беа предрасуди и обвинувања на сметка на мајката, па дури и коментари со наоѓање на оправдание за насилството.
Поради тоа, поединци апелираат судењето да не биде отворено за јавност, со цел да се сочува достоинството на жртвите, и да не се прави сензација од една непоимлива семејна трагедија.
Наместо да се постави прашањето „Зошто насилникот го сторил делото?“, вниманието се префрли кон жртвата, па пошироката јавност ја анализира, преиспитува и критикува, наместо да се разбере дека ниту една постапка или избор не го оправдува насилството.
Деск

