На неполни 15 години останал без родители, а добрината и желбата да направи позитивни промени биле неговата водилка низ животот. Иле Михајловски е одделенски наставник во Основното општинско училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Свети Николе, кој неуморно им помага на децата, но и на социјално загрозените семејства, а минатата година тој влезе во Топ 50 најдобри наставници на светот.
Денес, по повод Светскиот ден на свесноста за аутизмот, тој потсети на приказната со неговиот ученик Димитар, дете со аутизам. За Димитар, кој денес има 19 години, во минатото пишуваа повеќе медиуми. Тој ја имал среќата токму Иле да му биде наставник од прво до петто одделение, и во ниту еден момент не се почувствувал дискриминиран, бил опкружен со почит, другарство и љубов. Во знак на благодарност, Димитар му посвети песна на англиски јазик на Иле, а неговиот татко го објави видеото со песната за наставникот на социјалните мрежи.
-Ова се приказни за цел живот! Доживотна привилегија и спомени кои опстојуваат со иста големина и љубов. Не можам и не сакам да заборавам што и покрај сите потешкотии сум добил токму од Димитар! И она најважното, колку тој мене ме обликувал како човек, колку од него научив јас, а токму во тоа е неговата големина.
Да се биде дел од неговиот и животот на сите аутистични деца треба да трае 365 дена во годината, не само на овој. Не слика постирана на социјалните мрежи, уште помалку обоена во сино. А за денешниот ден, најголемата награда ми е што Димитар сеуште обликува и променува други околу себе.
Различен и свој, ама ги менува на добро сите околу себе. Оваа година е матурант, а неговата слика на таблото зрачи со негова добрина и светлина, и ќе зрачи уште долго. Во мене знам ќе зрачи цел живот, порача денес наставникот Михајловски.
Деск

