Додека бил во војска, на кутија од цигари го напишал текстот за песната ,,Jedne noći u decembru” и и го испратил на саканата Бранка, како роденденски подарок. Кога се вратил од војска, се венчале. Кемал Монтено (1948-2015) беше еден од најпознатите кантавтори од Босна. За неговите песни се вели дека се химна на вечната љубов, а тој не криеше дека Бранка е инспирација за сите негови љубовни песни.
-Секогаш кога поради турнеји заминував од дома, едвај чекав да се вратам. Го памтам секое мое враќање кај Бранка и децата, ќерката Андријана и синот Ѓани, раскажа во едно интервју. Со сопругата се запознале кога таа имала 16, а тој 18 години, и цели четири децении поминаа во љубов и слога.
Кемал Монтено почина на 67-годишна возраст, борејќи се со пневмонија и сепса, кои настанале како компликација по трансплантацијата на бубрег. На последното патување го испрати семејството, но и над 4.000 луѓе, пеејќи ја неговата песна “Sarajevo, ljubavi moja”, а погребан е во Алејата на великани на градските гробишта Баре, во Сараево.
-Во моментот кога ми јавија дека починал, помислив само, колку добар човек беше тој, всушност предобар, и колку многу го сакаше животот. Најважно ми беше дека ништо повеќе не го боли, раскажа за босанските медиуми Бранка, набргу по неговата смрт.
Деск
КЕМАЛ МОНТЕНО, ЧОВЕКОТ КОЈ ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ СОЗДАВАШЕ ЉУБОВНИ ПЕСНИ ЗА СВОЈАТА СОПРУГА БРАНКА
2 Mins Read

