Во текот на својот живот, таа одгледа 47 момчиња, и само едно девојче. На сите им го даде занаетот- музиката, со која продолжија да се занимаваат и од која заработуваа. Денес, Елеонора Мустафовска, единственото девојче кое го посвои Есма Реџепова во 2012 година, и го сметаше за своја музичка наследничка, по повод Меѓународниот ден на Ромите, во Белгија организира изложба со која го слави животот и културното наследство на својата мајка.
Настанот ќе се одржи во Шарлроа, Белгија, каде Елеонора живее со семејството.
-Со гордост го славиме животот и наследството на Есма Реџепова со специјална изложба посветена на нејзиното неверојатно патување. Позната како “Кралица на Ромската музика”, Есма ги допре срцата ширум светот со својот моќен глас, хуманитарен дух и незаборавните настапи. Оваа изложба е почит кон нејзината уметност, нејзината култура и инспирацијата што таа продолжува да им ја дава на генерациите. 8-ми април — ден за прослава на Ромската гордост, култура и единство, објави Елеонора, која и денес се занимава со музика.
Есма Реџепова (1943-2016) имаше импресивна кариера со ансамблот Теодосиевски, а со сопругот Стево Теодосиевски беа познати како големи хуманитарци. Пред да почине, оставила два тестамента. Со едниот, на Министерството за култура му ја остави куќата на Кале, со аманет да биде претворена во музеј, а со другиот му ги остави авторските права на синот Симеон Атанасов, кој до последен момент се грижеше за неа и за нејзината кариера. Потоа, внуците од сестри и браќа на Есма, ги оспорија тестаментите, барајќи го нејзиниот имот за себе, а до денес статусот на куќата не е решен, и истата е оставена да пропаѓа.
В.К.
ЌЕРКАТА НА ЕСМА РЕЏЕПОВА, ЕЛЕОНОРА, ОРГАНИЗИРА ИЗЛОЖБА ВО НЕЈЗИНА ЧЕСТ ВО БЕЛГИЈА
2 Mins Read

