-Јас сум невин! Двајца ми влегоа дома, ме врзаа и ми ставија црна ќеса на главата, вели Денис Асанов (74), кому му се суди за брутално убиство на Борјанка Николова (79). Тврди дека не ја убил жената, туку не знае што се случило, а ја нашол почината во бањата.
Според истрагата, дел од телото на жртвата бил пронајден закопан во дворот на неговата куќа, по што тој бил приведен и му бил одреден притвор. Мотивите, според претходниот исказ даден во обвинителството, биле љубомора и љубовни недоразбирања. 
Случајот со фемицидот во Штип ја вознемири јавноста во ноември, минатата година. Првин, сестрата на жртвата пријавила во полиција дека таа се оддалечила од домот, а поради сомнеж дека обвинетиот ја држи противправно во неговиот дом, со судска наредба бил извршен претрес во неговиот дом и биле пронајдени и одземени повеќе предмети и траги од крв.
По дополнително преземени мерки и добиено вештачење на одземените траги и предмети, во СВР Штип повторно е извршен разговор со Денис во кој тој детално го појаснил начинот на кој го извршил убиството, објавија тогаш од полицијата.
Обвинителството пак, тогаш соопшти дека осомничениот 74-годишник, при вршење семејно насилство, „лишил од живот жена со која биле во блиски лични односи, така што со тврд предмет и задал повеќе удари во главата, кршејќи и го черепот“. Потоа, со остар предмет пресекол делови од телото и ги сокрил на непознато место, а трупот го закопал во дворот од куќата.
Ова е четвро судско рочиште во Основниот суд Штип. Завршните зборови се закажани за 21-ви април.
Деск

