Хрватскиот пејач Јаков Јозиновиќ ја посети спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево, оддавајќи почит кон една од најголемите музички икони на Балканот.
Во тивката и емотивна атмосфера на местото кое го чува споменот за Тоше, Јозиновиќ се задржа подолго време, разгледувајќи ги личните предмети, фотографиите и наградите што сведочат за животот и делото на легендарниот пејач.
Инаку, Јаков Јозиновиќ кој утре ќе го одржи својот прв концерт во Македонија, и тоа во СЦ Јане Сандански во Скопје, станува молскавично попопуларен на регионалната музичка сцена. 
Публиката особено ја препознава неговата искреност, едноставност и силна емоција во интерпретацијата – квалитети кои многумина ги споредуваат со оние на Тоше Проески. Без претенциозност и со природен пристап кон музиката, Јозиновиќ успева да допре до слушателите на автентичен начин.
Музичките критичари велат дека токму оваа комбинација на скромност и длабока емоција е клучот за неговиот растечки успех. „Во време кога продукцијата често знае да ја засени суштината, Јаков носи нешто чисто и вистинско“, коментираат тие.
Посетата на Крушево, според многумина, не е само гест на почит, туку и симболична потврда дека вредностите што ги претставуваше Тоше – човечноста, топлината и искрената љубов кон музиката – продолжуваат да живеат и преку новите генерации уметници.
В.К.

