Континуирано семејно насилство трпела Ивана Јовановска и нејзината ќерка Катја, и во многу наврати барала помош, како таа, така и нејзината мајка, свекрва, золва, комшии и очевидци на тепањето и малтретирањето од страна на сопругот Стојанче.
Денес на судското рочиште против него му се суди за загрозување на сигурноста, тешка телесна повреда при семејно насилство и наведување на самоубиство.

Во судница беа презентирани аудиоснимки од пријави во полиција, во тек на 2024, 2025 и 2026 година. Само на денот на самоубиството, втори март, има три пријави.
Содржината на доказите е вознемирувачка, за што обвинителката Адела Бојчевиќ од ОЈО Скопје, предупредува за внимателно известување.
Соседи пријавувале за врескањето од нивниот стан, за тоа дека Катја боса истрчала кај соседи во станот и кажала дека е тепана, мајка и на Ивана пријавувала дека ја тепа додека отишла да земе свои работи од станот, свекрва и пријавувала дека Стојанче ја тепа Ивана додека Катја вриштела дека татко и ќе ја убие мајка и…
Пријавувале и очевидци дека пред маркет татко ја тепа мајката, и дека тоа се случува пред детето.
Еден час по последната пријава на Ивана во полиција, на кобниот ден, откако полицајци и кажале дека ако уште еднаш им се јави, ќе ја пријават за лажно пријавување, таа заедно со 6-годишната ќерка се фрли од шестиот кат на зградата во која живееле.
Минатата недела од Министерството за внатрешни работи соопштија дека дури 39 полицајци погрешно постапиле кога Ивана го пријавувала Стојанче за семејно насилство.
-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР утврди пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници кои постапувале по пријавите за семејно насилство. Одделот достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопштија од МВР.
Деск

