Во светлината што го обележа стартот на вечерта, 20-годишниот Oгњен Стојаковиќ од Краљево стапна на сцената на „Hype Zvezde“ и веднаш го привлече вниманието. Огњен Стојаковиќ остави силен и позитивен впечаток на жирито со својот настап во музичкото шоу Hype Zvezde, покажувајќи дека станува збор за млад пејач кој поседува се што е потребно за да стане вистинска музичка ѕвезда.
Неговиот глас, сигурноста на сцената и емоцијата што ја пренесе не поминаа незабележано од жирито. Сепак, најголемо внимание привлече моментот кога член на жирито му посочи дека во текот на настапот, во еден дел, звучел како Тоше Проески – споредба што ретко се добива и остава силен впечаток.
Во интервју за ВИКИМЕДИА младиот пејач открива дека љубовта кон музиката ја препознал уште со првите чекори во музичкото образование и првото соочување со публика.
-Прв пат кога сфатив дека музиката е нешто повеќе за мене беше со самиот упис во музичко училиште, но и со првото пеење пред публика. Учествував на еден фестивал и кога пеев, почувствував дека музиката ме движи како ништо друго на светот. Не започнав со големи амбиции, туку сосема ненаметливо – придружувајќи ги другите. Почнав спонтано, свирев клавир додека други снимаа песни за ТикТок или социјални мрежи, а јас во себе ги собирав сите тие мали работи што подоцна ми помогнаа да почнам да пеам. Токму тој фестивал ме охрабри да продолжам по овој пат и ме постави на овој пат. Доживеав неверојатна емоција кога видов дека луѓето навистина уживаат додека им пеам, иако претходно бев многу повлечен кога требаше да запеам, вели Стојаковиќ.
Но, она што особено ја доловува неговата приказна се спомените што ги врзува со тие години – искрени, детски, но полни со љубов кон музиката.
-Со брат ми често правевме приватни концерти во нашата соба, на кои бевме поканети само ние двајца – и, секако, најдобрата рок музика, раскажува.
Токму тие мали, интимни моменти биле неговата прва „сцена“, каде што без притисок и со многу страст ја градел својата љубов кон пеењето. На прашањето како гледа на споредбите со Тоше Проевски, Огњен Стојаковиќ искрено признава дека тие зборови за него претставуваат и чест и голема одговорност.
-Кога видов дека луѓето ме поддржуваат и ме споредуваат со големиот Тоше, ми беше навистина мило и огромна чест – пред се да бидам спореден со таков човек, а потоа и со пејач. Но јас сум сигурен дека никогаш нема да има друг како нашиот ангел Тоше, вели тој.
Огњен додава дека ваквите споредби за него се истовремено признание, но и тежина што мора да се носи со почит.
-Во тоа гледам голема чест, но и голем товар, затоа што таквата споредба обврзува. Сепак, немам проблем со тоа да градам свој идентитет – напротив, ми е мило ако барем на миг успеам кај луѓето да го вратам Тоше, преку неговите песни или преку мојот стил, раскажа Огњен.
М.К.

